Николовски: Домашните количини на сончоглед ги ставаме на располагање за домашните преработувачи
Министерот за земјоделство нагласи дека со оваа мерка се зајкнува планираното годишно производство помеѓу земјоделците одгледувачи на сончоглед и преработувачите, а воедно се поттикнува договорното производство.
Секој производител на сончоглед за остварување на субвенциите како доказ ќе мора да приложи потврда за предадено и откупено производство во домашните преработувачки капацитети на сончоглед. Ова го соопшти министерот за земјоделство, Љупчо Николовски при денешната посета на фабриакта за производство на масло за јадење „Кристал“ од Велес.
Николовски нагласи дека со оваа мерка се зајкнува планираното годишно производство помеѓу земјоделците одгледувачи на сончоглед и преработувачите, а воедно се поттикнува договорното производство.
„Владата за време на целиот овој период додека трае кризата одговорно постапува и носи одлуки за да ги заштити граѓаните. Мерките кои се носат имаат една цел, одржување и зголемување на домашното производство на стратешки култури. Ги помагаме земјоделците давајќи им субвенции, дополнително ги мотивираме за зголемување на приносот и даваме поддршка за зелена нафта. Оваа поддршка директно доаѓа од буџетот на сите граѓани и токму затоа бараме домашно производство на сончоглед, но и секоја друга стратешка култура, да заврши во нашите домашни производствени капацитети“, изјави Николовски.
Донесен е и Национален план за производство на храна, каде во фокусот се стратешките култури, како пченица, пченка, јачмен и сончоглед. Преку Интервентниот фонд се обезбедени 400 милиони денари директна помош за земјоделците. Со овие мерки земјоделците добиваат 40% дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сончоглед и јачмен. Дополнително со скоро 100 евра од хектар, ги мотивираме земјоделците да го зголемат приносот за стратешките култури.
Во функција е и посебниот модул за аплицирање кои предвидува рок за исплата од 7 дена по поднесувањето на барањето. Преку јавен оглас на располагање ставаме дополнителни 5.722 хектари слободно земјоделско земјиште за обработка со стратешки култури во 14 региони низ државата, информираат од Министерството за земјоделство.
