Здравство

Кумановската болница гасифицирана, ветени уште проекти

20.04.2022 14:15

Кумановската болница е целосно гасифицирана. Со проектот се намалува аерозагадувањето, бидејќи установата до неодамна се загреваше на мазут. Првиот човек на македонското здравство, вети дополнителна опрема за оваа болница, но и за останатите ширум земјава…

Кумановската општа болница веќе еден месец се затоплува на гас. По тој повод увид изврши министерот за здравство Сали, кој истакна дека проектот е успешен. Тој се надева примерот на една на здравствената установа која покрива околу 200.000 жители од североистокот, ќе го следат и останатите болници во земјава. На овој начин е решен деценски проблем, кој ќе овозможи подобро затоплување, а ќе се придонесе и кон намалување на загадувањето на воздухот, бидејќи установата претходно се затоплуваше на мазут.

„Обезбедивме еколошко греење на една институција, воедно и заштеда на енергенси односно можност за болницата да пренамени финансиски средства од потрошувач на електрична енергија и мазут, на гас, за останати проекти кои ќе бидат многу значајни за сите жители во овој регион“, нагласи министерот за здравство, Беким Сали.

Проектот за изградба на нова дистрибутивна гасоводна мрежа, гасна котларница, поставување на опрема и изградба на приклучна делница, беше комплетно завршен во декември, лани.

„Гасификацијата е еколошко загревање со што ќе се тргнеме од листата на загадувачи во Куманово, но знам дека со помош на Владата и министерот ќе добиеме и друга помош за да може граѓаните на Куманово и целиот регион да добијат уште поквалитетна здравствена заштита“, изјави Снежана Захариева, директорка на Општа болница Куманово.

Министерот за здравство потсети дека кумановската болница неодамна доби компјутерски томограф. За наредниот период најави и набавка на мамограф, но и дополнителна опрема за болниците ширум земјава.

„Мамограф и целата дијагностика којашто ја опфаќа компјутерски и магнетни резонанци, се планираат со големата набавка која ја планираме со кредит од Светската банка. Јас се надевам дека веќе ќе започне процесот за јавна набавка и очекувам во најкраток период да биде се како што треба, да обезбедиме и мамограф и останата опрема“, дополни министерот Сали.

Со вакви проекти во сите здравствени установи, првиот човек на македонското здравство се надева дека ќе се врати довербата во севкупниот систем.

Елена Георгиевска