Штрајк

Тренчевска: Владата нема да отстапи од понудата за 10% раст на платите

20.04.2022 14:51

На вработените кои штрајкуваат ќе им бидат исплатени само придонесите, децидна ресорната министерка Тренчевска. Тврди дека не станува збор за притисоци, бидејќи со колективниот договор се дефинирала платата во случај на штрајк …

Владата нема да отстапи од понудата за 10% покачување на вработените во воспитно-образовниот процес. Министерката за труд и социјална политика бара солидаризирање на просветарите и разбирање на моменталната состојба на државата. Смета дека понудата е коректна и дека кога се влегува на преговори, двете страни треба да бидат подготвени за отстапки.

„Во овој момент најсоодветно решение за покачување на платите во образованието и детската заштита е 10%. Секое друго решение ќе биде решение коешто ќе предизвика многу поголема инфлација од онаа којашто ја имаме во моментот. Во овој момент да се прифати 10% и со новата методологија, покачување на платите во јавниот сектор секако ќе има во текот на 2023 година“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Тренчевска е децидна дека на штрајкувачите ќе им бидат исплатени само придонеси. Вели дека тоа не значело дека врз вработените се прави притисок да го прекинат штрајкот, туку само почитување на законите и Колективниот договор. Во меѓувреме даде податок дека од вкупно 75 јавни установи кои дополнително имаат плус клонови, дел од нив и по неколку, 29 градинки не штрајкувале. Една од нив е „Орце Николов“ во Карпош каде што денеска министерката направи надзор над градежните активности на нови капацитети за примање на деца.

„Во градинката Орце Николов немаме штрајкувачи, се одвива нормално воспитно-образовната активност“, вели Надица Ѓуровска, директорка на Детска градинка „Орце Николов“.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Потврди дека директорите барале дозвола за заменски наставници.

„Локалната самоуправа согласно законските прописи им овозможи на директорите да обезбедат замена на вработените кои штрајкуваат за да може процесот на образование на учениците на Општина Карпош да се одвива нормално, значи сè натаму останува на умешноста на директорите на училиштата коишто воспитно-образовниот процес во училиштата треба да го организираат во услови на штрајк“, вели Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.

Синдикатот на образованието, науката и културата штрајкува во школите и градинките од 11-ти април, со барање за поголеми плати од 18%.

Катерина Топалова