Не стивнуваат реакциите по отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола
Отворањето на културен центар во Битола со име на соработник на Хитлер е провокација која нема да придонесе кон подобрување на односите – оценува министерот Спасовски. И премиерот Ковачевски предупреди дека дијалогот треба да продолжи, но за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Опозицијата очекува шефот на дипломатијата Османи да поднесе оставка. И по неколку дена од настанот, реакциите не стивнуваат…

Власта и опозицијата со заеднички став – отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола е чиста провокација. Сепак, од Владата велат дека се бара решение на спорот, но преку принципиелни разговори, со порака дека политичарите треба да се свртат кон иднината.
Отворањето на клубот е резултат на поданичка политика која ја спроведуваат СДСМ и ДУИ – вели поранешниот шеф на дипломатијата, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, Владата знаела за провокацијата и асистирала на случувањата. Милошоски смета дека министерот Османи треба да поднесе оставка.
Социјалдемократите со став – како општество, не смееме да дозволиме враќањето кон минатото да ја загрози нашата иднина. Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба, велат од СДСМ.
Претходно и премиерот Ковачевски во видеообраќање констатираше: Со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото, поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои досега успешно се боревме.
Миле Ристески
