Штрајк

Шаќири - Тренчевска: Владината понудата е коректна

20.04.2022 16:07

Ставот на министрите за образование и за труд и социјала е дека владината понудата е коректна и бараат разбирање за моменталната состојба на државата. Сметаат дека најсоодветно решение за покачување на платите во образованието и детската заштита е 10 %, сè друго би предизвикало поголема инфлација...

Само придонеси ќе им бидат исплатени на штрајкувачите од воспитно-образовниот процес, велат од Владата. Министерот за образование не смета оти ова е притисок или закана, туку почитување на законите и Колективниот договор. Шаќири е дециден – кога се почнува штрајк, учесниците мораат да бидат запознати што губат и кои би биле придобивките.

„Правните постапки што во делот на платите кои се кажуваат, ќе треба да имаат правен основ за да се исплати една плата, но неколку пати сум кажал, ако од СОНК имаат правно решение за тоа правно-законодавните институции ќе ја разгледаат секоја можност за таа ситуација. Тој гнев на членството ќе треба да се обрати до раководството на СОНК, да се разгледа правниот основ на тоа што тие го бараат а ние како институции секогаш ќе го почитуваме законот“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Министерката за труд и социјална политика бара солидаризирање на просветарите и разбирање на моменталната состојба на државата. Смета дека владината понудата е коректна и дека кога се влегува на преговори, двете страни треба да бидат подготвени за отстапки.

„Во овој момент најсоодветно решение за покачување на платите во образованието и детската заштита е 10%. Секое друго решение ќе биде решение кое што ќе предизвика многу поголема инфлација од онаа која што ја имаме во моментот. Во овој момент да се прифати 10% и со новата методологија, покачување на платите во јавниот сектор секако ќе има во текот на 2023 година“, изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Од вкупно 75 јавни установи кои дополнително имаат плус клонови, дел од нив и по неколку, 29 градинки не штрајкувале.

Катерина Топалова