Македонија

Пендаровски го пречека латвискиот претседател Егилс Левиц

21.04.2022 11:09

Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи, политиката на проширување на ЕУ, безбедносните предизвици во поширокото соседство во контекст на руската воена инвазија врз Украина и други актуелни геополитички теми...

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Република Латвија Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на земјава.

Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации, информираат од претседателскиот кабинет.

Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи, политиката на проширување на ЕУ, безбедносните предизвици во поширокото соседство во контекст на руската воена инвазија врз Украина и други актуелни геополитички теми.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за континуираната и принципиелна латвиска поддршка за остварувањето на надворешно-политичките приоритети на земјата, укажувајќи на балтичките земји како одличен пример за трансформација на општествата, преку евроинтегративниот процес.

Евроатлантската интеграција на Западниот Балкан носи подеднакво безбедносна сигурност за континентот, како што тоа е случај и со балтичкиот регион – потенцираше Пендаровски.