СОНК продолжува со штрајкот, премиерот е оптимист дека ќе се најде прифатливо решение
СОНК продолжува со штрајкот, а премиерот е оптимист дека преку дијалог, а не со уцени ќе се најде прифатливо решение. Ги повика наставниците да се вратат во училиштата. Опозицијата вели- Владата наместо да ги прифати барањата на синдикатот, врши жесток притисок врз неговото членство...

Откако СОНК уште еднаш ја одби понудата за покачување на платите од 10 проценти, премиерот Ковачевски оптимист, вели-со синдикатот можеме и ќе најдеме решение. Рече дека Владата останува отворена за преговори, но не со уцени за штрајк, туку низ социјално-економски дијалог.
Според Ковачевски, СОНК го ставило членството во заблуда, затоа што организирал штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на платите со минималната. Ги повика наставниците да се вратат во училиштата и уверува дека заедно со синдикатите ќе бараат методологија со која платите во јавниот сектор континуирано ќе растат.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо да ги прифати барањата на СОНК, Владата вршела жестоки притисоци врз синдикатот. Од партијата велат дека штрајкувачите се заплашуваат дека платата нема да им биде целосно исплатена.
Штрајкот во училиштата и во градинките продолжува откако СОНК го отфрли предлогот на Владата за зголемување на платите од 10%. Претседателот Неделков рече дека предлозите не водат кон решавање на несогласувањата, а понуденото зголемување со ребалансот на Буџетот не остава дополнителен простор за преговори. Оттаму најавија дека штрајкот ќе прекине ако потпишат спогодба со Владата дека до септември, односно до изминување на шест месеци од носењето на минималната плата, таа се усогласи со гранковите колективни договори.
Викторија Милевска
