Настанот во Битола за власта е провокација, опозицијата бара оставки
За премиерот Ковачевски настанот во Битола може да претставува единствено провокација којашто не оди во насока на подобрување на односите и на финализирање на еден успешен дијалог со постигнување договор, кој ќе значи брзо отворање на преговорите со ЕУ. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ промовирање на фашизмот од страна на Бугарија е резултат на континуираното понижување на македонскиот народ и држава и неспособноста на владата на СДСМ и ДУИ …

Славењето на личност која е соработник на Хитлер, Мусолини и Павелиќ е провокација и не може да биде мост за иднината меѓу двете земји, коментира премиерот Ковачевски. Нагласи и дека македонскиот народ има своја посебност во идентитетот со јасно дефиниран јазик.
Ова е одговор на Ковачевски на најновата провокација на бугарскиот претседател Радев за фалсификуваната историја на земјава. Ковачевски не одговори што му кажал на Петков во врска со отворањето на бугарскиот културен клуб, но рече дека разговорите со соседот мора да се водат во духот на европските вредности.
„Тој настан не претставува ништо повеќе од провокација, бидејќи ги буди духовите од минатото. Се работи за личност којашто била соработник и на Хитлерова Германија и на Мусолинова Италија и на Павелиќ и која со тоа воопшто не може да придонесе како личност што може да биде мост за иднината, за пријателство меѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата“, нагласи Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека отворањето на бугарскиот клуб во Битола е провокација поради името на културниот центар, но за тоа ја обвинува неажурноста на власта.
„Таквите провокации како што е промовирањето на фашизам од Бугарија се со цел да се искористат како алиби за недобивање на датум за преговори. Доколку Бугарија е вистински пријател на македонската држава и македонскиот народ, тогаш нема да промовира фашизам и на тој начин да го руши достоинството на државата. Но, сето ова е резултат на неспособноста на СДСМ и ДУИ со понижувањето кое континуирано го нанесуваат на македонскиот народ и македонската држава“, вели Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Ковачевски најави и што ќе биде преземено во наредната недела во однос на името на центарот „Ванчо Михајлов“ и како што рече, претходно ќе бидат ќе бидат обезбедени сите релевантни информации.
Миле Ристески
