Пендаровски: Ако се концентрираме на решавање историски контроверзи, нема никогаш да се договориме
Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, десетици илјади луѓе се испратени и убиени во концентрациони логори, претседателот Пендаровски ја оцени како лага за политички цели.

Постојат потврдени историски факти кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на неговиот бугарски колега Румен Радев за Ванчо Михајлов и за фашизмот.
„Во 1944 година по инструкција на Хитлер доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава и откога не добива поддршка од локалното население рапортира назад кон неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист, нацист. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, не велиме дека бил тоа, туку бил неспорно следбеник и корисник „на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, истакна Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со неговиот летонски колега кој е во посета на Северна Македонија.
Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, десетици илјади луѓе се испратени и убиени во концентрациони логори, претседателот Пендаровски ја оцени како лага за политички цели.
Ставот на шефот на македонската држава е дека треба двете држави да се концентрираат на вистинските, реални критериуми за влез во Европската унија, а не доминантно на решавање на историските прашања.
