Македонија

Ковачевски- Левиц: Прашањата со Бугарија да се решат надвор од пристапниот процес

21.04.2022 14:08

Ковачевски во разговорот со претседателот Левиц потенцираше дека Северна Македонија високо го цени ставот на Латвија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Северна Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими претседателот на Република Латвија, Егилс Левиц којшто е во официјална посета на нашата земја.

На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерката за одбрана Славјанка Петровска, беше нагласено дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 26 години, двете земји негуваат исклучително пријателски и блиски односи со силен фокус на динамизирање на политичкиот дијалог и на трговската размена, информираат од владината прес- служба.

Ковачевски во разговорот со претседателот Левиц потенцираше дека Северна Македонија високо го цени ставот на Латвија дека е од витално значење да се продолжи со процесот на евроинтеграција на Северна Македонија со одржување на Меѓувладина конференција што е можно поскоро и дека прашањата со Бугарија треба да се решат по пат на дијалог и разбирање, надвор од пристапниот процес.

Левиц на средбата истакнал дека членството на Западен Балкан во ЕУ е прашање на гео-политичка одржливост за самата ЕУ во време и во околностите предизвикани со руската инвазија на Украина.

Тема на средбата меѓу Ковачевски и Левиц беше и војната во Украина за која беше истакнато дека е брутално кршење на меѓународното право и неиспровоцирана воена агресија на Русија врз една суверена држава и дека дипломатијата и дијалогот се неопходни за запирање на воените дејствија.