Политика

Пендаровски: Тврдењата на Радев се лага и конструкција за политички цели

21.04.2022 14:30

Потврдени историски факти говорат дека Ванчо Михајлов соработувал со Хитлер, а тврдењето на претседателот Радев дека во земјава имало логори за убивање Бугари се лага, изјави шефот на државата Стево Пендаровски. Претседателот на Латвија, Егилс Левиц дециден, не е на ЕУ да решава историски прашања. Таквите спорови треба да се стават настрана од процесот на пристапување, порача на прес- конференцијата со неговиот домаќин Пендаровски...

Има потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов соработувал со Хитлер, а тврдењето на бугарскиот претседател Радев дека во Македонија имало логори во кои наводно се убивале илјадници Бугари, се лага, одговори претседателот Пендаровски на последните изјави од Радев.

„Бројката од наводно убиени 10.000 Бугари е лага, гола конструкција за политички цели. Не постои ни еден релевантен историски извор, ни во бугарската, ни во македонската, ни во светска историографија дека 10.000 луѓе биле убиени во концентрациони логори во тоа време кај нас. Нешто што може да влезе во таа дефиниција на концлогор постоело во Хрватска на Голи Оток. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ни тогаш, ни денес“, изјави шефот на државата, Пендаровски.

Шефот на бугарската држава одговарајќи на бурните реакции за отворањето на клуб на фашистички соработник Ванчо Михајлов во Битола, обвини за антибугарска пропаганда и обид во Македонија да се изгради идентитет врз фалсификување на историјата.

„Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вклучи Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не Иван Михајлов, туку други луѓе, по воспоставувањето на Југословенската диктатура во Македонија, убија и испратија десетици илјади во концентрационите логори, само затоа што решија да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ова е вистински фашизам“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.

Не е на ЕУ да решава историски прашања, таквите спорови треба да се стават настрана од процесот на пристапување, порача претседателот на Латвија, Егилс Левиц при посетата во Скопје.

„Доколку ја погледнете мапата на ЕУ ќе видите многу точки каде има разлики во однос на историјата и тоа не се случува само тука помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Меѓутоа ЕУ не е надлежна да ги решава ниту да дискутира за тие историски прашања. Надлежноста на ЕУ е предвидена со Договорот за основање на ЕУ и таму нема да најдете ништо во однос на историските спорови. Ако го погледнете процесот на пристапување, историските спорови треба да се стават на страна. Јас би кажал дека историските разлики не смеат да бидат причина да се оспори капацитетот на земја-кандидат да продолжи на патот на пристапување кон ЕУ. Тоа е нашата позиција и сметам дека е и позиција на ЕУ“, изјави претседателот на Латвија, Егилс Левиц.

Во рамки на првата официјална посета претседателот на Латвија, Левиц и неговиот домаќин Пендаровски положија венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

 

Ирина Гелевска