Имунизација

Почнува кампања за вакцинирање на деца против морбили

21.04.2022 15:02

Министерството за здравство и УНИЦЕФ започнуваат кампања за вакцинирање на деца против морбили. Пораснал бројот на имунизирани, но не според очекуваното, вели министерот Сали. Кампањата има за цел да допре до сите родители за да им дадат проверена и информација базирана на научни докази и факти и ќе ги сузбијат дезинформациите…

Расте бројот на вакцинирани деца против морбили, но недоволно. Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека потребно е уште работа за да се достигне целта од 95% имунизирани. Министерот Сали рече дека за околу 10 отсто е покачена бројката на вакцинирани во 2021 во однос на 2020 година, сепак, секое невакцинирано дете е ризик за себе но и за општеството, затоа најавија кампања за вакцинирање против морбили заедно со УНИЦЕФ.

Бројките покажуваат дека најмалку се вакцинираат деца во Куманово, каде што лани се регистрирани 41,3%. Од 91% до 100% се имунизирале во Виница, Кичево, Македонски Брод, Крива Паланка, Кочани, Прилеп, Дебар и Пехчево.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани рече оти се свесни дека дезинформациите се најголемиот непријател и апелираше родителите да веруваат исклучиво на научни докази.

Кампањата има за цел да допре до сите родители кои ќе добијат информација и ќе стекнат доверба, со што ќе го направат неопходниот чекор за имунизирање на сопственото дете, велат од УНИЦЕФ. Засега нема преземање на построги мерки кон родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца.

Катерина Топалова