Образование

СОНК продолжува со штрајкот

22.04.2022 09:36

Владата оцени дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк покрај понуденото решение за раст на платите и повика преговорите да продолжат.

Продолжува штрајкот на просветните работници во училиштата и градинките. Меѓу Владата и СОНК нема договор кој би го прекинал генералниот штрајк што трае две работни недели, откако СОНК завчера ги отфрли заклучоците на Владата и ветувањето за 10 отсто повисоки плати на вработените со ребалансот на буџетот во мај или јуни.

Со 10 проценти, месечните примања на наставниците и воспитувачите во просек ќе се зголемат за 2.500 денари, соопшти вчера Владата и додаде дека е понудена и методологија со која ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образованието.

Владата оцени дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк покрај понуденото решение за раст на платите и повика преговорите да продолжат.

Апелираше и премиерот Димитар Ковачевски со порака дека заедничко решение може и ќе се најде, меѓутоа, како што нагласи, СОНК треба да биде искрен пред своите членови дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и дека тие не се водат под уцена, туку низ економско-социјален дијалог.

Вчера се одржа прв состанок на владината работната група и претставници на ССМ за креирање нов Општ колективен договор во јавниот сектор, што беше заклучок од последната владина седница.

Владата и ССМ се договориле за максимална вклученост на синдикалната организација во процесот за реформи во јавниот сектор кој опфаќа оптимизација и рационализација, како и заедничко дизајнирање нов закон за плати во јавниот сектор кој ќе треба да се применува од 1 јануари 2023 година.