Велешани повторно го користат возот како превозно средство
Зголемените цени на билетите за автобуски превоз, влијае велешани повторно да се вратат на железницата. Зголемен е бројот на патници последните месеци…

Велешани се вратија на користење на железничкиот сообраќај, откако цената на билетите во автобусите скокнаа. Информација ја потврдија и од Железничка станица Велес. Поради високите цени на нафтените деривати со автобус до Скопје или назад, во еден правец се патува со билет кој чини од 170 до 200 денари. Тоа е колку што чини еден билет со воз во двата правци до Скопје и назад.
Велешани до пред десетина години масовно ја користеа железницата за превоз до главниот град и назад. Студенти, ученици, вработени, сите тие со месечни билети патуваа секојдневно до Скопје и назад. Но, доцнењето на возовите, намалувањето на бројот на линиите, го намалија и бројот на патниците.
Со актуелниот возен ред секој ден од Велес до Скопје и назад има по девет возови во еден правец, што ја чини најфреквентна линија во Македонија, со најмногу линии, со тоа што возот од и за Кочани не сообраќа девет месеци.
Петар Печков
