Почнува чествувањето на Велигден
Велика Сабота – ден на покој и на исчекување на Христовото воскресение, кое точно на полноќ ќе го објават камбаните. Православните Христијани се подготвуваат за Велигден. Вечерва во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе се служи Света Златоустова литургија, како најава за победата на животот над смртта. Благодатниот оган во земјава пристигнува од Ерусалим…

Велика Сабота, ден меѓу смртта и воскресението. Православните храмови ги отворија вратите за верниците со богослужба на Света Василева литургија. Почна чествувањето на еден од најголемите христијански празници, Велигден. Верниците се помолија за здравје и среќа. Се прават последните подготовки за Велигден.
Сабота е ден што ги поврзува распнувањето и радоста. Ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.
Велика Сабота е последниот ден од 40-дневниот Велигденски пост. Сите оние коишто постеле, денес се причестуваат. Оваа сабота е и единствената сабота во годината во којашто се пости без масло. Радосната вест за Христовото воскресение се означува со полноќното биење на камбаните.
Оваа година поголем е бројот на верниците кои ги посетуваат храмовите бидејќи го нема оној притисок со пандемијата, вели отец Сашко Николовски.
На Велигден се празнуваат љубовта и мирот. Триумф на животот над смртта. Ден кога со воскреснувањето, Христос ја докажал својата божествена моќ, а Бог ја потврдил својата љубов кон човекот.
Ана Ј. Тодоровска
