Петков: Не треба да го подигнеме ветото, туку да го поместиме
„Не треба да го подигнеме ветото, туку да го поместиме. Промената на македонскиот Устав со вметнување на Бугарите да се случи пред отворање на првото поглавје од преговорите“, премиерот Петков навести промена на пристапот на Софија. Сепак, негираше дека има договор во јуни да падне ветото. Нема да повлече потег без широка дебата и гласање во Парламентот…

Нема договор за повлекување на ветото во јуни и ништо нема да се прави без широка дебата и гласање во Парламентот, порачува бугарскиот премиер. Но, Петков е со став дека ветото иако не треба да биде повлечено, сепак, треба да биде поместено за да се даде време Бугарите да влезат во македонскиот Устав пред отворањето на првото поглавје од преговорите со Европската унија.
„Ние не треба да го укинеме ветото. Ние треба да го поместиме ветото. На пример, промената на Уставот треба да се случи пред отворање на првото од вкупно 24 поглавја. Ние треба да ги ставиме на железничките шини кон Европа, но притоа, критериумите коишто тие треба да ги исполнат мора јасно да ги поставиме“, рече Петков.
Петков оценува дека кај властите во земјава постои желба за соработка, но додава дека тој не може да направи ништо без дебата и согласност во бугарското Собрание.
„Не. Ништо нема да се направи без гласање во Парламентот и широка општествена дебата. Но, дебатата треба да биде вистинска. Ако повторно само со пароли без да ја разбереме ситуацијата, најмногу што можеме да направиме, е тоа соседната земја уште повеќе да не нè сака и да нема шанси да влезе во ЕУ“, нагласи Петков.
Петков смета дека во Брисел постои подготвеност Унијата да биде гарант на процесот. Според него, интерес на Бугарија е земјава да биде дел од ЕУ и предупредува дека во спротивност, како што ги нарече, националистички сили може да дојдат на власт во Скопје. Бугарскиот премиер прогнозира, доколку се почнат преговорите со Македонија, за време на процесот кој би траел десетина години, бугарската страна може да ги имплементира своите барања поради можноста да ја блокира земјава на секое поглавје.
Односите меѓу Скопје и Софија повторно се влошија по отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, што кај нас беше протолкувано како провокација, но и поради изјавите на бугарскиот претседател Радев. Надлежните иднава недела треба да пресечат за бугарскиот клуб.
Марина С. Тонева
