Македонија

Локализиран пожарот над Елен Камен во Струга

23.04.2022 17:31

Пожарникарите два дена водеа „битка“ со пожарот над турстичката населба Елен Камен во Струга. Попладнево конечно пожарот е локализиран и нема опасност за викендиците и хотелите…

По дводневна битка локализиран пожарот над туристичката населба Елен Камен во Струга. Пожарникарите денес успеаја да интервенираат и да ги стават пламените под контрола.

Огнената стихија утрово беше подалеку од викендиците, на другата страна од ридот, а вчера огнот беше на само два километри од првите куќи, во непристапен карпест предел каде не можеше да се интеревенира. Пожарникарите цела ноќ дежураа за да ја следат состојбата.

„Дежураме од вчера цела ноќ, се е под контрола опасност нема ни за викендиците ни за хотелите. Тука сме на лице место екипите на пожарната и екипи од шумското“, вели Фети Мазари од ТППЕ Струга.

Според подрачната единица на ЈП „Македонски шуми“, кои учествуваа во гаснењето на огнот, се работи за пожар на приватни шуми каде изгореа нискостеблести растенија, смрека и трева. Пожарот предизвика страв и паника кај големиот број жители, кој овој празничен викенд престојуваат во населбата Елен Камен.

„Сега згаснат е од оваа страна ваму кај викендиците, уште тлее од другата страна, но нема опасност по куќите. И во шумата веруваме ќе згасне кај и да е“, вели Емил Попоски претседател на МЗ Елен Камен.

Огнената стохија пеплоса површина од 15 хектари. Причините за пожарот над Елен Камен во Струга, кој избувна вчера попладне засега не се познати ,тие дополнително ќе се утврдуваат.

Соња Рилковска