Македонија

Манастирот во Зрзе со корените на христијанството и монаштвото

24.04.2022 10:30

Манастирот Зрзе во прилепско и по 15-тина века ги чува доказите за зачетоците на христијанството на овие простори, а 11-тина века и за монаштвото. Фрескоживописите и иконите се уникатен пример, а гробницата на непознат маченик од 4 век ја одржува светоста на комплексот до денес..

Духовност, спокојство, неповторлива глетка, но и корени на христијанството, основи на монаштвото и докази за мачеништвото, нуди манастирскиот комплекс Свето Преображение во Зрзе. Црквата од 14-тиот век во суштина е од три цркви под еден покрив, живописите се од неколку века, а иконите на Исус и на Богородица Пелагонитиса се антологиски дела.

Манастирот ги чува најраните облици на монашкото живеење, уште од 9 век.

Потврдата за зачетоците на христијанството се остатоците од гробницата на непознатиот маченик од 4 и 5 век и ранохристијанската црква. Местото останало свето 15-тина века.

Манастирскиот комплекс Зрзе спокојно ги чува доказите за раното христијанство и за две од основните начела – мачеништвото за христијанството и монаштвото.

Елизабета Митреска