Прав и пепел на потегот Струга-Калишта
Изгорени огромни површини езерска трска на брегот на Охридското езеро. Нова пролет, стари проблеми. Секојдневно спалување, сечење, уништување, а на крај тампонирање. На пеплосаните површини „никнуваат“ нови парапетчиња...

Несовесни граѓани заради лични интереси и профит со години го уништуваат природниот биодиверзитет на Охридското езеро.
„Секоја година, ова уништување е сè поголемо. Од она денес што може да се забележи на потегот Струга-Калишта, гледаме дека повеќе од една третина од трската е уништена. Уништени живеалишта на птици, угинати животни една слика којашто е навистина траорна и којашто не доликува“, вели Никола Кукунеш граѓански активист.
Загрижува што сторителите остануваат непознати. Надлежните немаат слух да сопре уништувањето на трската, велат активистите.
„Она што недостига во оваа алка за заштита и превенција е активното вклучување на сите засеганта и посебно инспекциските служби кои имаат овластување да превенираат“, додава Кукунеш.
Кривичниот законик за недозволена крајбрежна трансформација и уништување предвидува затворска казна од три месеци до три години, но во пракса казни нема.
Една третина од трската во струшко Калишта е уништена. Непознати сторители прво ја спалуваат, а потоа тампонираат.
Соња Рилковска
