Македонија

Честитки на државниот врв по повод големиот христијански празник Велигден

24.04.2022 11:59

Пораки за мир, здравје и за обединување испратија државниот врв и политичките лидери до православните верници за големиот христијански празник Велигден...

Пораки за мир, здравје и за обединување испратија државниот врв и политичките лидери до православните верници за големиот христијански празник Велигден. Вдахновени од Христовото страдање за човештвото и од неговото воскреснување да им дадеме смисла на нашите животи и да ги победиме искушенијата, отворајќи ги нашите срца и споделувајќи безусловна љубов, напиша претседателот Пендаровски.

„На овој Велигден да помислиме на сите оние коишто страдаат во воените судири, коишто се погодени од елементарни непогоди, коишто се соочуваат со здравствени тешкотии, на сите оние коишто се без топлината на својот дом, на разделените од семејствата, на сите во беда и немаштија. Ним да им ги посветиме нашите молитви и благослови“, напиша шефот на државата.

Велигденските денови се можност да се свртиме кон повикот да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг, рече премиерот Ковачевски.

„Бидете и вие нечие светло на крајот на тунелот“, со овие зборови, претседателот на собранието Џафери на православните верници им го честиташе Велигден.

„Човештвото поминува низ вистински тешки искушенија и во потрага по вечноста и славата, се заборава вредноста на животот и се посегнува по него без при тоа да се размисли дали тој што не го создал животот има право да го одземе него. Сепак, секој од вас поединечно и сите заедно, немојте да бидете слепи и глуви на ова страдање“, напиша Џафери.

Во празничните честитки, ВМРО-ДПМНЕ повика на истрајност и на разум, да надвладее доброто наспроти лошото, а правдата да ја победи неправдата за сите заедно и сплотени да донесеме посветла иднина. Од владејачката СДСМ повикаа сите да се обединиме околу човечките вредности, да придонесеме да шириме меѓусебна добрина и почитување.

Викторија Милевска