Реакции на интервјуто на Петков

Мицкоски: Целта на Бугарија е асимилација или бугаризација на Македонија и македонскиот народ

24.04.2022 17:30

„Петков предлага билатералните проблеми и барањата на Софија да влезат во преговарачката рамка. Тоа значи дека или ќе се асимилираме, односно бугагиризаме или воопшто нема да влеземе во Европската унија“ – вака лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гледа на последната идеја на бугарскиот премиер...

„Петков предлага билатералните проблеми и барањата на Софија да влезат во преговарачката рамка. Тоа значи дека или ќе се асимилираме, односно бугагиризаме или воопшто нема да влеземе во Европската унија“ – вака лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гледа на последната идеја на бугарскиот премиер. Според него, Софија има максималистички барања за коишто верува дека нема да поминат кај европските партнери.

„Така да, ако тоа се случи, ако стави потпис оваа Влада на тој документ, треба народот во Македонија да знае дека, да може тоа ќе се случи, таа прва меѓувладина конференција, но никогаш преговорите нема да почнат сè додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамките на ЕУ, и да го прифатиме сето тоа што е содржано во Резолуцијата на бугарскиот Парламент од 2019 година“, рече Мицкоски.

Се огласија и од СДСМ. Партијата го обвини Мицкоски дека шири невистини и ги поткопува државните позиции затоа што ниту ќе има каква било асимилација на македонскиот народ, ниту граѓаните и СДСМ тоа ќе го дозволат. Во меѓувреме, бугарскиот премиер Петков во интервју за БТВ вели дека многу луѓе се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Скопје и Софија, но уверува дека нема да подлегнат на таквите провокации кои како што вели, доаѓаат од двете страни. Тој е со став дека гаранција за правата на Бугарите во земјава може да се обезбеди преку европскиот процес.

„Ако ги ставиме во Европскиот договор за Република Северна Македонија, не само што Бугарија повеќе нема да ги брани овие права, туку договорот со Европската унија ќе ја даде оваа гаранција за овие права. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат – дали да се укине или не – е погрешен начин на размислување. Овде мора да кажеме – PCM ќе биде во Европската Унија најрано за 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Треба само да си поставиме услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ѝ отстапуваме место на Северна Македонија. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни. Ќе имаме 10 години да работиме заедно, значи, пристапот треба да биде попаметен“, рече Петков.

Во меѓувреме, нова дипломатска активност меѓу двете земји. Министерот за надворешни работи Османи во понеделник ќе има средби во Германија за европското досие на земјава и за деблокада на нашиот интегративен пат, по што од Берлин директно ќе замине за Софија.

Марина Т. Стојанова