СОНК продолжува со штрајкот
Штрајкот продолжува, најави СОНК. Засега нема договор со ресорните министерства. За попладне синдикалците очекуваат нова рунда разговори со Владата..

СОНК продолжува со штрајкот. Евентуална средба попладне со Владата може да ја промени одлуката само ако бидат исполнети нивните барања. Нема детали кога и каде би разговарале со владини претставници, но очекуваат за доброто на учениците, наставниците и родителите властите да соберат сили и да излезат во пресрет на нивните барања.
Европската конфедерација на синдикати за образование писмено даде поддршка за штрајкот на СОНК уште пред неговиот официјален почеток, денес, првиот човек на конфедерацијата, Сузан Флокен и лично дојде за да ја потврди поддршката.
„Овде сум да ја изразам солидарноста на 11 милиони наставници ширум Европа со СОНК за нивните рационални барања за повисок стандард, повисоки плати за наставниците. За време на пандемијата наставниците направија огромна работа. Тие го подигнаа образованието над сите предизвици, за децата да можат да учат. Тие ја заслужуваат нашата почит, тие заслужуваат повеќе од пофалби и зборови, тие заслужуваат достоинствени плати“, Сузан Флокен, директорка на Европска Конфедерација на синдикати за образование.
И покрај надежта за изнаоѓање решение, Неделков беше дециден дека се мали шансите штрајкот да биде прекинат денеска и учениците утре да бидат во своите клупи. Во најдобра варијанта, ако се постигне договор, на училиште би се вратиле од среда.
Катерина Топалова
