Македонија

Тренчевска се надева дека штрајкот ќе заврши

26.04.2022 13:19

Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места, изјави министерката во одговор на новинарско прашање по посетата на малиот групен дом за деца без родители и родителска грижа и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје.

Денеска ќе се знае дали штрајкот целосно ќе прекине, и дали учениците од утре ќе се вратат на настава. Министерката Тренчевска се надева дека образовниот и згрижувачкиот процес ќе продолжат нормално.

Вчера после три и пол часовен разговор, дијалог со претставниците на СОНК беше договорено денеска претседателот и Одборот на СОНК да ги известат членовите на СОНК и сите оние вработени во образовните институции и во детските градинки кои штрајкуваат дека е постигнат договор со Владата, односно дека е постигнат договор за 12 проценти покачување на платите со јулската плата, значи после ребалансот. Се надевам дека сите оние коишто штрајкуваа ќе се вратат на своите работни места, изјави министерката во одговор на новинарско прашање по посетата на малиот групен дом за деца без родители и родителска грижа и Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје.

Од утре, додаде Тренчевска, ќе започне да функционираат и училиштата и детските градинки нормално, децата ќе се вратат во градинките, учениците во училишта, родителите ќе се вратат на работните места затоа што поради штрајкот тие мораа да земаат годишен одмор, за да ги згрижат децата.