100 дена влада

Со антикризните мерки сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно

26.04.2022 13:37

Премиерот Ковачевски потенцираше дека како одговор на енергетската криза беа донесени мерки со кои беа активирани сите домашни капацитети за производство на електрична енергија. Владата подготви и испорача пакет антикризни мерки за дополнителна помош на граѓаните и компаниите, со фокус на поддршка за најранливите категории граѓани...

Во првите 100 дена од работењето на Владата, нагласи премиерот Ковачевски на тематската седница, подготвено се соочивме и со енергетската криза и со одговорни и сеопфатни решенија обезбедивме заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната енергетска криза.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека како одговор на енергетската криза беа донесени мерки со кои беа активирани сите домашни капацитети за производство на електрична енергија. Владата подготви и испорача пакет антикризни мерки за дополнителна помош на граѓаните и компаниите, со фокус на поддршка за најранливите категории граѓани. Вкупната вредност на сетот мерки за поддршка изнесува над 400 милиони евра, рече Ковачевски, а вкупното влијание на мерките е уште повисоко и достигнува речиси 615 милиони евра.

„Со овие антикризни мерки, сметките на граѓаните се помали за околу 4.000 денари месечно. Доколку не беа мерките како намалувањето на ДДВ-то од 5% на 0% на основните прехранбени продукти, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1.500 денари плус. Доколку не беше намалувањето на ДДВ-то на енергенсите на нафтата и нафтените деривати, само по тој основ, без намалување на акцизата, секој граѓанин на просечна потрошувачка пресметано ќе плаќаше 300 денари повеќе секој месец. Притоа, овде се вклучени само директните ефекти од мерката. Дополнително, со оглед на тоа што цените на енергенсите се значаен инпут во цените на речиси сите производи, намалување на нивната цена влијае позитивно врз цената на сите производи, што значи дека зборуваме за околу 750 денари заштеда вкупно по домаќинство“, нагласи Ковачевски во своето обраќање на тематската седница 100 дена Влада.

Ковачевски додаде дека на долгорочен план, енергетската криза мотивираше да се забрза енергетската трансформација која ќе обезбеди енергетска независност.