Санкциите за Русија не водат кон решавање на кризата, смета кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо
Економските санкции кон Русија нема да резултираат со решавање на кризата во Украина, смета кинескиот амбасадор во Македонија. Санкциите ќе имаат негативни ефекти врз економијата на многу земји, тоа ќе го почувствуваат обичните граѓани кои ќе ја платат цената на конфликтот помеѓу големите сили. Амбасадорот Џанг Ѕуо денес беше во посета на Штип…

Кина секогаш се залага за правда и правичност, таков став има и со кризата во Украина. Краткорочно решение е стопирање на воените дејствија и итен старт на преговорите. Решенијата на долг рок Кина ги гледа во надминување на блоковата поделеност и конфронтација, изјави кинескиот амбасадор во Македонија. Смета дека економските санкции кон Русија нема да помогнат во решавање на проблемот.
„Санкциите нема да донесат мир и безбедност. Санкциите само ќе ја повредат економијата на многу држави и благосостојбата на луѓето кои не би требало да ја плаќаат цената на геополитичките конфронтации на големите сили. Затоа Кина е подготвена и со Северна Македонија и со други држави да ги помогне мировните преговори за да обезбедиме долгорочна стабилност во Европа. Би потенцирал дека без разлика како ќе се одвива ситуацијата, нашите две земји ќе ја продолжат долгата традиција на пријателство и соработка“, изјави кинескиот амбасадор во земјава, Џанг Ѕуо.
Кинескиот амбасадор беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ каде беа утврдени насоките за понатамошна соработка.
Амбасадорот на Кина имаше работна средба и со градоначалникот на Штип. Акцентот беше ставен на економската соработка и привлекување кинески компании во технолошко-индустриската зона во Штип.
Славица Величковска
