Ковачевски со отчет за сработеното во првите 100 дена
Првиот човек на Владата во отчетот за сработеното. Првите 100 дена на чело на извршната власт ги оцени како период на предизвици, справување со кризи и клучна цел да се задржи стандардот на граѓаните. НАТО и ЕУ остануваат високо на агендата...

Справување со енергетската криза, подигнување на животниот стандард и евроинтеграцијата се трите приоритети на кои Владата активно работела во последните три месеци. Премиерот Ковачевски оцени- направени се и два историски чекори – зголемување на минималецот и усвојување на методологијата за пресметка за повисоки пензии.
„Координираноста на сите чинители овозможи стабилност на финансискиот систем. Денарот и покрај сите турбуленции е стабилен. Имаме поставени заштитни механизми во финансискиот систем, што овозможува негово непречено функционирање, а соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволна девизна ликвидност на домашната економија. Пакетот антикризни мерки и операционализацијата на бескаматните кредити од Развојна банка во вредност од 5 милиони евра за три поволни кредитни линии за поддршка и развој на приватниот сектор, ќе обезбедат поддршка за стопанството и ликвидност на компаниите“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски истакна дека во услови на криза државата успеала да ги сервисира обврските од буџетот, но и да обезбеди поддршка за инвестициите и за земјоделството.
Со сетот антикризни мерки – Ковачевски рече дека граѓаните се поштедени од плаќање на високи сметки за струја и за парно, а со замрзнувањето на цените и маржите на основните прехранбени продукти им остануваат повеќе пари во семејниот буџет.
Анита Д. Велковска
