Продолжува штрајкот во училиштата, градинките почнуваат со работа
Училишните клупи и натаму остануваат празни. За најголем дел од членството на СОНК неприфатлива е понудата за раст на платите за 12 проценти. Вработените во градинките ги згрижуваат децата. СОНК го прекрши договорот, реакција на министерот Шаќири...

Штрајкoт на наставниците продолжува, огромно мнозинство од членовите на СОНК го одбија владиниот предлог за 12 процентно зголемување на платите. Штрајкот во градинките, ставен во мирување. Вработените се враќаат на работа. По првомајските празници, СОНК најави протест.
„Нашето членство во текот на денешниот ден се изјаснуваше во однос на предлозите. Од вкупно 480 синдикални организации кои што дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и средното образование. Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот и Владата“, нагласи вчера Неделков.
Остра реакција на министерот за образование Шаќири- СОНК го прекрши договорот. Тој, на неговиот Фејсбук профил посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта.
Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува, потенцираше Шаќири.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11-ти април. СОНК веќе втор пат одбива владин предлог за зголемување на платите, бидејќи сѐ уште не го постигнале тоа што го бараат. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата и ќе го продолжи штрајкот сѐ додека не се најде компромисно решение за двете страни.
