Македонија

Штрајк на вработените во Управата за матични книги

27.04.2022 11:50

Не се издаваат изводи-штрајк на околу 500 вработени во Управата за водење матични книги. Бараат повисоки плати …

Иако знаат дека штрајкуваат, граѓани дојдоа во Управата за водење матични книги, со надеж дека ќе добијат извод. Скопјанка којашто живее во Франција не може да замине од земјава пред да извади нов пасош. Некои по втор пат дојдоа да завршат работа, ама не успеаја.

Изводи од матичните книги на венчани, родени и починати, како и слободни брачни состојби не се издаваа во цела држава.

Вработените во Управата за водење на матични книги се одлучни да останат да штрајкуваат сè додека од страна на надлежните не бидат повикани на разговор и не добијат ветување дека нивните плати ќе бидат зголемени во согласност со минималната плата.

Од Синдикатот велат дека дел од вработените во Управата земаат плата околу 14.000 денари. Но, освен повисоки плати, штрајкувачите рекоа дека со години се заборaвeни од институциите.

„Поради специфичноста на работата на Управата за водење матични книги, повеќе од потребно е донесување на колективен договор на ниво на работодавец, со цел да се изврши утврдување на работните права, како и зголемување на платите, но и унапредување на вработените кои подолго време тапкаат во место“, изјави Игор Јовановски, потпретседател на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги.

Околу 500 вработени во Управата за водење на матични книги надеваат дека надлежните ќе најдат решение за нивните проблеми.

Наташа Ј. Менковски