Најмладите се згрижуваат во градинките
Штрајкот во градинките ставен во мирување. Вработените се вратија на работа. Најмладите се згрижуваат во установите…

Радосни дечиња кои по три недели се видоа со другарчињата. Градинките повторно се вратија во нормален режим на работа откако СОНК донесе одлука, штрајкот во објектите за згрижување на најмалите да биде ставен во мирување. Групите се вратија по старо, им олесна и на родителите.
Градинките од денеска ги отворија вратите за дечињата. Почнаа да работат со нормален интензитет. Изминативе три недели се снаоѓавме многу тешко, велат родителите кои ги донесоа децата во градинка.
„Ги ангажиравме сите што беа слободни околу нас. Се снајдовме некако.“
„Сопругата, па јас. Наизменично го чувавме детето.“
„Многу недостасуваше градинката, ама се снаоѓаме … што ќе правиме!“
„Тешко се снаоѓавме, ангажиравме баби, тешко …“-велат родителите кои ги анкетиравме.
Синдикатот ваквата одлука ја правдаше со ставот на синдикалните организации од градинките, кои сметале дека објектите повторно треба да ги отворат вратите во интерес на децата, родителите и на стопанството.
Штрајкот почна на 11-ти април. Оттогаш, дел од градинките работа, некои не прифаќаа деца, во трети, групите беа споени. Многу родители овој период воопшто не ги носеа децата во градинка.
Ана Ј. Тодоровска
