Македонија

Тренчевска: Неопходен е ефикасен социјален дијалог за унапредување на безбедноста и здравјето при работа

28.04.2022 12:59

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека главната порака на овогодинешното одбележување на Светскиот ден на БЗР, е пораката дека градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и здравје на работното место, мора да биде задача и приоритет на сите релевантни актери во областа на БЗР.

Предизвиците поврзани со пандемијата на Ковид-19 покажаа дека постоењето на позитивна култура и силни системи за безбедност и здравје при работа (БЗР) се од суштинско значење за заштитата на работната средина и одржување на здравјето и безбедноста на работниците.  За успешно справување со постоечките и со идните предизвици кои влијаат врз здравјето и безбедноста на работните места неопходен е ефикасен социјален дијалог, како и активно учество на сите релевантни страни во областа на БЗР, како на национално, така и на ниво на деловни субјекти.

Ова се клучните пораки од конференцијата „Да делуваме заедно за да градиме позитивна БЗР култура која, по повод 28 aприл – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, ја организираа Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација на трудот и Советот за безбедност и здравје при работа, а на која учествуваа и претставници на синдикатите, Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи, како и експерти од областа на трудовото право.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека главната порака на овогодинешното одбележување на Светскиот ден на БЗР, е пораката дека градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и здравје на работното место, мора да биде задача и приоритет на сите релевантни актери во областа на БЗР.

„Одбележувањето на 28 април треба сите да нѐ поттикне уште повеќе да работиме и на подигнување на јавната свест за безбедноста и здравјето при работа, имајќи предвид дека сите ние ја споделуваме и одговорноста и обврската, секој во својот дел, да се грижиме за унапредување на безбедноста на работните места и да работиме на превенирање на несреќите, повредите и заболувањата поврзани со работата”, порача Тренчевска.

Мораме да ги негуваме и постојано да ги поттикнуваме социјалниот дијалог и меѓусебната соработка во оваа област, како на национално, така и на ниво на претпријатие, ако сакаме да создадеме реални услови за успешно справување со постоечките, но и со новите предизвици во однос на безбедноста и здравјето на работното место, нагласи министерката.

За познавачите на оваа проблематика, исклучително е важно во земјата да се создаде превентивна култура на безбедност и здравје при работа, онака како што таа е дефинирана во Конвенцијата на меѓународната организација на трудот (МОТ) за промотивната рамка за БЗР од 2006-та година.