Земјоделство

Со засејување на првите парцели под сончоглед стартуваше пролетната сеидба во Пелагонија

28.04.2022 13:54

Со засејување на првите парцели со сончоглед во атарот на пелагониското село Средно Егри, стартуваше пролетната сеидба во нашата најголема житница. Пролетниот сеидбен план е амбициозен, по неколкуте стимулативни мерки. Актуелната цена на светските берзи од едно евро за килограм сончоглед при просечни приноси по хектар е рентабилна, велат земјоделците. Апелираат за посеопфатна и темелна стратегија и стабилни откупни цени …

Земјоделската механизација во Пелагонија раздвижена. На некои места се подготвуваат површините, а некаде веќе се засеани првите парцели со сончоглед. Добиениот извештај од подрачната единица говори дека пролетниот сеидбен план е амбициозен.

Славе Стефановски вели дека по двегодишна пауза повторно посеал сончоглед. Последниве владини стимулативни мерки и актуелната цена на светските берзи, придонеле тој со своите соселани во атарот на село Егри заспаното под сончоглед да го зголемат за 100 проценти. Со просечни приноси од над 2,5 тони по хектар и откупна цена од 60 денари за килограм, вели, се враќа рентабилноста и соодносот што некогаш беше мерило.

Земјоделците со над половина век стаж велат најголемата житница може да го врати целокупниот некогашен сјај само со долгорочни стратегии и договорно производство, со стабилни откупни политики посебно кога се во прашање есенските сеидбени планови за површините и количините за производство на лебно зрно.

Надминувањето на хроничните проблеми, велат ќе придонесе за решавање и на уште едно горливо прашање, обезбедување наследници на земјоделските ветерани.

Стевче Митревски