Енергетска криза

Нема да има ценовен шок од јануари, смируваат од Владата

18.12.2022 16:24

Граѓаните нема да имаат ценовен шок на први јануари, за оние кои трошат најмалку струја, нема да имаат зголемување, смируваат од Владата. Се чека финалната цена од Регулаторната комисија за енергетика. Во Овче Поле започна изградбата на 110 киловолтен далновод, со должина од речиси 21 километар…

Постојаното инвестирање и оптимизација на капацитетите и ресурсите за пренос на електрична енергија значат постигнување на еден од најважните интереси во услови на енергетска криза, а тоа е стабилен електроенергетски систем, став на премиерот Ковачевски.

На стартот на изградбата на далноводот од трансформаторската станица во Велес до таа во Овче Поле, истакна дека сè ова обезбедува намалување на техничките загуби и сигурност во напојувањето.

Сè уште се прават калкулации за цената на струјата, можно е намалување за малите потрошувачи, изјави Ковачевски. Според него, финалната цена којашто се состои од три ценовни параметри кои на крај ги определува Регулаторна комисија за енергетика, овозможува да нема ценовен шок за граѓаните.

Муртезани информира дека МЕПСО сè уште нема добиено формална најава за зголемување на цената на струјата од јануари од страна на Регулаторната комисија. Посочи дека компанијата нема никакви загуби или штети со вклучувањето на струјата на Железници.

Во овој регионот се очекува изградба на значителен број на сончеви и ветерни електрични централи, истакна директорот на МЕПСО, Муртезани.

Марија Котовска