Собрание

Во Собранието Предлог-буџетот за идната година тежок 5,3 милијарди евра

19.12.2022 15:19

Во Собранието, пред пратениците, Предлог-буџетот за идната година. Тежи 5,3 милијарди евра. Економскиот раст е проектиран на 2,9 насто, буџетскиот дефицит на 4,6, а стапката на инфлација на 7,1 насто. Власта тврди - ќе ги ублажи последиците од економската и ценовната криза и ќе даде основа за развој на среден рок. За опозицијата тој е нереален, инфлаторен и расипнички…

5,3 милијарди евра тежи државната каса за 2023-та. Капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит кој е пресметан на 700 милиони евра. Ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти, образложи министерот Бесими во експозето пред пратениците. Парите на граѓаните ќе се искористат онаму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на живот. Предлог-буџетот за 2023-та е реален, ни гарантира дека ќе ги надминеме сите предизвици, вели Бесими.

Според ВМРО-ДПМНЕ ова е историски највисок, нереален – буџет за склучување договори во четири очи. Имаме најмали плати и најмал економски раст во регионот, а најбогата владина коалиција, велат од опозициската партија.

Според власта, Буџетот е насочен кон макроекономска стабилност и економското заздравување. Се кратат непродуктивните трошоци, се зголемуваат приходите.

Стапката на инфлација за следната година е проектирана на 7,1 насто.

Сунчица Николоска