Авиотранспорт

Субвенции за повеќе авиокомпании

20.12.2022 13:59

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, информираше за јавниот повик за субвенционирање авиолинии...

Министерството за транспорт го менува моделот за давање субвенции за воведување нови авиолинии. Објавен е јавниот повик на којшто ќе се изберат повеќе компании, а не една како досега, и со нив ќе се склучи договор за период од три години. За оваа цел од буџетот ќе се потрошат 1,1 милиони евра. Ако одредена компанија добила субвенција за некоја дестинација, таа треба да ја опслужува најмалку двапати неделно и по завршувањето на поддршката, за период за којшто добила субвенција.

„Финансиската поддршка ќе изнесува 7 евра за превезен патник во заминување од аеродромот во Скопје и 4,5 по петник во заминување превезен преку аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Во моментов од скопскиот аеродром има 38 дестинации, а од охридскиот 7 коишто ги опслужуваат 13 компании. Влез на нашиот пазар најави и Луфтханза. Фактот што ќе се субвенционираат нови линии, односно линии на коишто не се оперира во изминативе две години, не ги плаши надлежните дека нискотарифниот превозник „Виз ер“ може да си замине од земјава.

„Во моментов немаме активен повик, претходниот е завршен. Од средината на 2020 ние не исплаќаме субвенции за авиолинии, а овие линии функционираат. Секоја авиокомпанија треба да ја гледа земјава како можност, а тоа го мислам и за оваа компанија“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

На јавниот повик се бараат оператори кои во 2019 превезле најмалку 10 милиони патници и оствариле профит од минимум 25 милиони евра. Главни критериуми при изборот се периодот на оперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивноста на аеродромите и понудениот број седишта. Годинава преку македонските аеродроми се превезени над 2,3 милиони патници.

Мартин Пушевски