Собрание

Продолжува дебатата за дополнетиот Предлог- буџет за 2023 година

20.12.2022 16:59

За власта, предлог-буџетот е развоен, реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економска стабилност...

Собранието денеска втор ден расправа по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, откако Владата го усвои текстот по прифатените амандамни во матичната собраниска комисија.

За власта, предлог-буџетот е развоен, реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економска стабилност. Опозицијата, пак, смета дека предложениот-буџет е нереален, инфлаторен, расипнички и ризичен, преполн со приливи од донации и заеми и оти со него прави масовна кражба на народни пари.

Вкупните расходи во Буџетот за 2023 година се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година. Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.