Расправата за дополнетиот Предлог- буџет за 2023 година продолжува утре
Предлог-буџетот за 2023 година се најде пред пратениците откако Владата го усвои текстот по прифатените амандмани во матичната собраниска комисија...

Во Собранието доцна попладнево беше прекината расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, за кој втор ден дебатираат пратениците. Нејзиното продолжение е закажано за утре во 12 часот.
Предлог-буџетот за 2023 година се најде пред пратениците откако Владата го усвои текстот по прифатените амандмани во матичната собраниска комисија. За власта, тој е развоен, реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економска стабилност. Опозицијата, пак, смета дека предложениот буџет е нереален, инфлаторен, расипнички и ризичен, преполн со приливи од донации и заеми и оти со него се прави масовна кражба на народни пари.
Буџетот за 2023 година според дополнетиот предлог изнесува 324,8 милијарди денари, приходите се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари, кои е за 14,8% повисоко од 2022 година, при тоа дефицитот е на ниво од 4,6% од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари, кој ќе се финансира од домашни и надворешни извори. Проекцијата за економскиот раст за 2023 година е 2,9 %, а инфлацијата 7,1 %.
Согласно Деловникот на Собранието, расправата по дополнетиот Предлог- буџет на пленарна седница трае најмногу пет дена.
