Криза

Состојбите во енергетиката да се решаваат системски

21.12.2022 16:45

Состојбите во енергетиката да се решаваат системски. Не се вложувало со децении што придонесе се повеќе да се појавуваат пропусти во време на кризата. Да се инвестира во обновливи извори на енергија, порачува вицепремиерот Битиќи на конференција на Обединетите нации во Скопје …

Проблемот со енергетската криза не може да се реши преку ноќ, потребни се системски решенија, оцени вицепремиерот Битиќи на завршната конференција на ОН во Скопје „Поглед подалеку“, за клучните мерки што ги презема Македонија во услови на тековната економско-енергетска криза. Тој ја потенцира зависноста на земјата од увоз на енергија од 35 отсто.

„Проблемите треба системски да се решаваат. Ако системски не се решаваат, проблемите се зголемуваат. Пример, сме зборувале за дигитализација со години, но, тоа било само, површински, а не суштински. Дигитализацијата бара суштинска промена на однесувањето на чинителите и на граѓаните. Ние не сме влегле во кој било сегмент да го решаваме проблемот на начин на кој треба да го решаваме“, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Според постојаниот претставник на УНДП, Григорјан, кризата најверојатно ќе продолжи и во 2023 и тешко е да се предвиди во која насока ќе се развиваат работите. Претставници од меѓународната заедница повикаа да се вложува во обновливи извори на енергија за да се спречи натамошното осиромашување.

Важно е да се разгледаат структурните причини за кризата со храна, оцени регионалниот претставник на ФАО за Европа.

Катерина Топалова