Ковачевски во Куманово: Инфраструктурните проекти се приоритет
Ковачевски истакна дека пред предвидениот рок завршува реконструкцијата на мостот кај Проевце, кој е своевидна обиколница на Куманово, но и значајна врска, за автопат А1 спој со Република Србија, како и со магистралниот пат А2 преку кој Република Северна Македонија е поврзана со Република Бугарија.

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми извршија увид во работите на изградба на мостот во населба Проевце на Реката Кумановка, кој е во завршна фаза.
Ковачевски истакна дека пред предвидениот рок завршува реконструкцијата на мостот кај Проевце, кој е своевидна обиколница на Куманово, но и значајна врска, за автопат А1 спој со Република Србија, како и со магистралниот пат А2 преку кој Република Северна Македонија е поврзана со Република Бугарија.
„Вложуваме во модерна патна инфраструктура. Ги обновуваме старите и градиме нови патишта, бидејќи тоа е важно за граѓаните, важно е за бизнис секторот, важно е за инвеститорите, за туристите. Приоритет е граѓаните без разлика дали живеат во урбани средини, градови, населени места или села да имаат безбедни и сигурни патишта“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски нагласи дека инвестициите во капитални проекти значат подобрување на животот на граѓаните, развој на економијата и подобра иднина за сите.
„Неслучајно сме фокусирани на целокупната инфраструктура насекаде низ државата, сé со цел да овозможиме рамномерен регионален развој, да создадеме услови за поволна бизнис клима за стопанството, да им помогнеме на граѓаните во овие услови на економска и енергетска криза“, додаде Бочварски.
Директорот на ЈПДП Рустеми рече дека мостот е со челични главни носачи на пет распони со должина од 172.5 метри и ширина на коловоз од 6.5 метри и тротоари од двете страни од по 1 метар.
