Охрид: За новогодишните празници најмногу гости во индивидуалните капацитети
Охрид сепак ќе биде полн со туристи за новогодишните празници. За разлика од минатите години поради намалената платежна моќ на граѓаните од земјава и регионот најголемиот број од гостите ќе се смести во индивидуалните сместувачки капацитети, додека во хотелите што ќе работат исполнетоста се очекува да биде помеѓу педесет и седумдесет проценти...

И покрај тоа што 50-тина проценти од хотелите на брегот од Охридското Езеро ќе бидат затворени за новогодишните празници, во Охрид се очекува да допатуваат голем број гости од земјава и странство. Според достапните информации, објектите што ќе работат ќе се исполнат помеѓу 50 и 70 проценти, а за разлика од минатото, преполни ќе бидат индивидуалните сместувачки капацитети.
„Доаѓаат тур-оператори и туристички агенции од регионот, коишто наголемо вршат закуп на приватните сместувачки единици и мислам дека ќе се изврши, ќе дојде до еден вид компензација. Гостите коишто оваа година, за жа,л нема да престојуваат во хотелските капацитети, ќе престојуваат во приватното сместување“, изјави доц. д-р Климент Наумов, Факултет за туризам и угостителство.
Само за дочекот на Нова година, во најевтините охридски кафетерии или ресторани, ќе треба да се издвојат 30-тина евра, додека во останатите цените се далеку повисоки. Во хотелите,тридневен аранжман и свечена вечера чини од 200 до 300 евра по лице.
„Да, имаме поскапување ама поскапувањето се однесува само заради поскапувањето на енергијата, на платата, на другите производи, така да уште сме ние најевтината понуда што може да биде и на Балканот и насекаде. Затоа што гледаме, сега имаше на скијачките центри по 1 000 евра е за дочеци за неколку дена по човек“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Хотелиерите очекуваат поддршка од државата бидејќи енергетската криза ќе придонесе за затворање и на хотелите што работат. Велат дека тоа ќе биде огромен удар врз туризмот, бидејќи на тој начин ќе ги загубат традиционалните гости кои во иднина ќе изберат друга туристичка дестинација. Во истовреме, големи штети ќе претрпат и малите бизниси кои се дел од туристичката понуда.
Сашо Нелоски
