Производството на струја стабилно, опозицијата со обвинувања
Изминатото деноноќие произведени се 17.904 MWh електрична енергија и целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, информираат од владата...

Стабилно е производството на струја. Изминатото деноноќие произведени се 17.904 MWh електрична енергија и целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, информираат од владата. Во изминатото деноноќие термоелектраните произвеле 8.179 MWh, а во хидроелектраните и во ветерниот парк Богданци произведени се 9.725 MWh.
Преку ЕСМ продажба набавени се 1.000 MWh електрична енергија, наменета за болници, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски обвинува дека власта увезува струја и за два дена потрошила речиси 73.000.000 денари. Мицкоски на Фејсбук пишува дека не е во функција трансформаторот во Битола, Осломеј не работи, а хидроцентралите се на најниско ниво, додека според него авансните провизии продолжуваат и се делат како што велат „херојските“ тендери во четири очи.
Од ЕСМ уверуваат дека недостиг на струја нема да се јави на пазарот, а секое отстапување ќе се компензира. Трет ден Осломеј не работи, централата е исклучена од мрежа откако пожар изби во депото за јаглен. Не работи ниту Блок 1 во РЕК. Од ЕСМ соопштија дека поради скината цевка во котелот на постројката тој е исклучен од мрежа. За да се надополнат потребите од струја, се црпи хидропотенцијалот, но и се набавува електрична енергија.
Викторија Милевска
