Ковачевски: Стабилни услови за раст на компаниите
Премиерот, при посетата се запозна со начинот на работата на компанијата, која е специјализирана за софтверски решенија во ИТ секторот, каде остварува значителни успеси, информираат од владината прес- служба.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети ИТ компанијата „Дигикубе“, каде имаше средба со вработените. Премиерот, при посетата се запозна со начинот на работата на компанијата, која е специјализирана за софтверски решенија во ИТ секторот, каде остварува значителни успеси, информираат од владината прес- служба.
Ковачевски нагласи дека оваа компанија, како и други кои се успешни на пазарот се доказ дека домашните и странските инвеститори гледаат огромен потенцијал за формирање и развој на своите компании, тука во Северна Македонија. Во таа насока, премиерот потенцира дека ние, како држава која има отпочнато преговори со ЕУ и е НАТО членка, нуди поволен амбиент за развој на индустрии со добро платени работни места, со што во крајна линија се влијае и на подобрување на стандардот. Премиерот Ковачевски додаде и дека минатата година се обезбедени 2.000 нови работни места, а планот е во оваа, 2023 година, да се продолжи во правец на обезбедување стабилност, економски раст и развој.
Вработените во компанијата му го презентираа најновиот продукт на премиерот Ковачевски, појаснувајќи ги неговите предности за идните клиенти. Компанијата „Дигикубе“ ДОО Скопје е македонско-швајцарска ИТ компанија која за само четири години достигнала бројка од 35 вработени и приходи во износ од над 48 милиони денари.
