Откупен најголем дел од тутунот
До почетокот на оваа недела беше преземен најголемиот дел од тутунот од годинешнава реколта. Според проценките на Државниот инспекторат за земјоделство се очекува откупот да биде целосно завршен пред законскиот рок, односно крајот на февруари. Просечната цена е 288 денари за килограм...

Според Државниот инспекторат за земјоделство, монополите до почетокот на оваа недела веќе имаат преземено 20.800 од вкупно производство кое пред почетокот на откупот се проценуваше на повеќе од 25.000 тони.
Досега тутунопроизводителите добија највисока просечна откупна цена од скоро 288 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 проценти во однос на минатогодишната.
Откуп го вршат 10 регистрирани претпријатија на 200 пунктови со 223 ваги и 216 мостри.
Прогнозите се оптимистички и од инспекторатот велат дека откупот ќе биде целосно завршен пред законски предвидениот рок согласно законот за тутун, односно до последниот ден на месец февруари.
Досега се исплатени скоро 6 милијарди денари, а тоа ќе донесе и поголеми субвенции кои се плаќаат според откупените класи.
Склучени се вкупно 29.650 договори за производство што претставува зголемување 7 проценти, а засадените површините се за 14 насто повеќе во споредба со ланската реколта.
Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас. Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив и вработува над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
