Продолжува окрупнувањето на замјоделското земјиште
По добрите резултати со консолидација на земјоделското земјиште, односно окрупнувањето на парцелите активностите продолжуваат. Европската Унија неодамна одобри нов проект од ИПА програмата кој е ко-финансиран од ФАО. За оваа намена е обезбеден вкупен буџет од 1,2 милиони евра...

Европската унија одобри проект од ИПА програмата за поддршка и за унапредување на консолидацијата на земјоделското земјиште во државава, кој е ко-финансиран од меѓународната организација за храна-ФАО.
Новиот проект е со вкупен буџет од 1,2 милиони евра и има за цел да го продолжи досегашното окрупнување за подобрување на националната политика и институционалната и регулаторната рамка за консолидација на парцелите.
Проектот треба да биде и основа за развивање на нова Национална стратегија за консолидација за периодот 2022-2030 година со Акционен план и целосно спроведување на проекти за окрупнување во атарите на две подрачја, Дабјани-Општина Долнени и Чифлик-Општина Чешиново-Облешево, комбинирани со изградба на земјоделска инфраструктура.
Досега со активностите во 9 консолидациони региони им се помогна на земјоделците да се справат со расцепканост на земјиштето преку окрупнување. Опфатени беа 4.700 хектари со околу 6.300 сопственици и тоа во Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.
Во Егри е целосно изградена и инфраструктура која ќе се гради и во другите подрачја.
Методија Трајков
