Продолжен рокот за понуди на повикот за субвенционирани летови
Рокот е продолжен поради измени во тендерската документација, каде во критериумите за учество нема да се бара позитивен биланс за 2020 и 2021 година поради ковид кризата.

До 26-ти јануари напладне е продолжен рокот за доставување понуди на тендерот за субвенции за нови авиолинии, којшто според првичната објава требаше да трае до задутре во 12 часот.
Рокот е продолжен поради измени во тендерската документација, каде во критериумите за учество нема да се бара позитивен биланс за 2020 и 2021 година поради ковид кризата.
Остануваат критериумите за превезени 10 милиони патници и најмалку 25 милиони евра профит во 2019 година.
Заинтересираните авиокомпании за учество на повикот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ, како и да достават изјава заверена на нотар за дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите.
Повикот, објавен на 20 декември лани, за субвенционирање нови авиолинии од двата аеродрома во земјава, Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, се однесува на периодот од 2023 до крајот на 2025 година.
