Пазар на труд

Се намалува невработеноста во струшко

20.01.2023 11:21

Годинава невработеноста е намалена за 10% во однос на лани. Најдефицитарен кадар во туристичка Струга се квалификувани работници во хотелско- угостителскиот сектор и медицински лица. Од Агенцијата велат во регистарот на невработени дел се активни баратели на работа, но дел не бараат работа, се запишуваат само за здравствено осигурување...

Се намалува невработеноста во струшко. Моментално во подрачното одделение на Агенцијата за вработување има околу 3.000 лица. Загрижува тоа што расте бројот на висококвалификуван кадар кој бара работа, а нискоквалификуваната работна сила се намалува. Во однос на родовата застапеност иста е невработеноста и на мажи и жени.

Од Агенцијата велат во регистарот на невработени дел се активни баратели на работа, но дел не бараат работа, се запишуваат само за здравствено осигурување.

„Значи во 2021 година, имавме 3.582 невработени коишто се пријавени активни баратели. Во 2022 година, имаме 3.227, а во 2023 година имаме со јануари месец 3.123 лица. Има одзив на невработени кои се поврзани со здравственото осигурување и толку им треба“, вели Евелдина Дика директор на подрачната единица на Агенцијата за вработување Струга.

Најдефицитарен кадар во туристичка Струга е квалификувани работници во хотелско угостителскиот сектор и медицински лица.

„Немаме готвачи, немаме квалификувани келнери, немаме помошници во кујна. Меѓутоа од друга страна немаме ни фармацевти, техничари, лаборанти, немаме медицински сестри, немаме ни доктори. Колку што гледам и по медиумите нема доктори. Можам слободно да потврдам дека немаме ни доктори или се на специјализација или се странство“, вели Дика.

На списокот на невработени лица во Струга има голем број лица со високо образование, но нема магистри и доктори на наука.

 

Соња Рилковска