Повисоки плати во Финансии за да се спречи одлив на кадар
Околу 94 милиони денари данок, се собрани од фирмите коишто работат во недела, парите нема да се трошат за плати, туку за човечки капитал- тврди Бесими. А вработените во Министерството за финансии од овој месец ќе имаат повисоки месечни примања за да се спречи одливот на кадар и да се изедначат со УЈП и Царина, убедува министерот. ЕУ бара резултати од државната и јавна служба. Потпишан договор тежок 25 милиони евра за градење нови системи за управување со финансии...

Повисоки плати од овој месец ќе добиваат вработените во Министерството за финансии, за 30 насто во однос на лани. Министерот тврди зголемувањето е предвидено во буџетот, а целта е да се спречи одливот на кадар. Раководители на сектори даваат откази, бројот на вработени е речиси преполовен, работеле со пониски месечни примања и од УЈП и Царина, иако и двете институции се под Финансии. Направено е усогласување, рече Бесими.
„Доаѓаат раководители на сектори, даваат отказ, едноставно си одат. Многу работа, на друго место добиваат можности за подобри услови, при огласи на соодветни кадри каде што се пријавуваат. Мораме да обезбедиме човечки ресурси за да функционира институцијата. Ова решение е додека се заврши со двата закона на кои ние инсистираме системски да се решат овие работи, да го оставиме МФ без вработени, да немаме буџет воопшто, да не работи никој. Тоа ли е прашањето? Направено е усогласување со органите во состав, МФ е единствена институција каде вработените имаа пониска плата од УЈП и Царинската управа и тоа е решението, тоа е во законот каде што е ставено дека 30 насто се во однос на платите од минатата година“- вели министерот Бесими.
Евроамбасадорот Гир не ги коментира владините политики за плати, но предупредува, Европската унија нотира силно партиско влијание во административниот систем. Сугерира стручна државна и јавна служба коишто ќе испорачаат резултати. Важен сегмент вели Гир, се и надоместоците и платите.
„Треба да имате стручна јавна служба способна да ги спроведе реформите, со помош, без тоа не може земјата да се развива и да расте. Тука има неколку аспекти – финансирање, партиско влијание кое е премногу силно во одредени делови на администрацијата, но, потребно е да имате јавна, државна служба која може да испорача она што треба. Многу работа има да се зајакне јавната служба“ – посочува евроамбасадорот Дејвид Гир.
Потпишан договор тежок речиси 25 милиони евра за нови информациски системи за управување со јавните финансии, државната помош и даночните приходи. За нивно спроведување државата доби 4,9 милиони грант од ЕУ и се задолжи со 20 милиони во Светската банка.
„Ќе доведат до намалување на заостанатите обврски на државата, посеопфатно владино известување за подготовка и извршување на буџетот, интегрирање на ставовите за климатските промени во скринингот на проектите и намалување на јазот во даночната усогласеност од аспект на ДДВ“, вели Масимилијано Паолучи- директор на Светската банка во Македонија.
Паолучи уверува во активното портфолио на државава со кое управуваат, нема случаи на корупција и злоупотреба на финансиските средства.
Сузана Фиданска Стоевска
