Струга

Агенциите за недвижности со мерки за стимулирање на пазарот

27.01.2023 10:12

За стимулирање на пазарот на недвижности потребни се измени во постојната законска регулатива. Агентите предлагаат да се укине забраната граѓаните од регионот и неевропските земји да може слободно да купуваат недвижнини во земјава. Постојните закони им овозможуваат само на жители на ЕУ и САД да купуваат недвижности, а граѓаните од регионот мора да бидат правни лица...

Агенциите за недвижности предлагаат измени во законот. За раздвижување на пазарот, физички лица од регионот и неевропските земји да може слободно да купуваат недвижнини во земјава. Постоечките законски регулативи овозможуваат само граѓани на ЕУ и САД, да бидат потенцијални купувачи, а граѓаните од земјите од регионот се дискриминирани, тие мора да бидат правни лица.

Агентите за недвижнини од Струга, велат голем е интересот за станови и апартмани од жители на соседните земји, но законот не им дозволува.

„Тука имаме еден проблем. Според законите во земјава од граѓаните како физички лица од Албанија, Црна Гора, Косово, Србија немаат право да купуваат. Тие имаат право да купуваат само како правни лица. Граѓаните на ЕУ имаат право. Е сега кога би се тргнала оваа забрана затоа што кај нив не е така“, рече Инајет Положани-агент за недвижности Струга.

За дополнително да се стимулира пазарот за недвижности во земјава, потребни се измени и во кредитирањето на дијаспората. Иако се кредитоспособни банките во земјава им бараат жиранти.

„Прво треба забраната да се тргне и втор елемент што може да влијае во растот на недвижностите. Нашите жители, кои се во дијаспора и странство како сакате да може да се кредитираат за купување на недвижности овде“, додава Положани.

Последните години цените на недвижностите во земјава бележат постојан пораст. Според податоците на Народна банка во последниот квартал од лани забележан е годишен раст на цените на становите од 20,6%.

Соња Рилковска