Наскоро прв ИПАРД 3 повик
Според Министерството за земјоделство наскоро треба да биде објавен првиот повик за средствата од ИПАРД 3 програмата. Преку оваа програмата обезбедени се 97 милиони евра неповратна помош од Европската унија. Средствата ќе може да се користат во период од седум години...

Наскоро се очекува да биде објавен првиот ИПАРД 3 повик. Заинтересираните земјоделци и фирми според Министерството за земјоделство можат да ја подготвуваат потребната документација и своите проекти.
Вкупните инвестиции во македонското земјоделство со ИПАРД 3 програмата изнесуваат 210 милиони евра. Покрај 97 милиони неповратни средства од ЕУ, тука влегува и националното кофинансирањето во висина од 31 милион и 82 милиони евра кофинансирани од домашните корисници на оваа програма.
Набавка на нова опрема, изградба или проширување на производствените капацитети, поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат со ИПАРД програмата.
Во неа се предвидени и четири нови агроеколошки мерки и тоа за органско производство, за локални акциски групи, за изградба на инфраструктурни објекти и за советодавни услуги. Последната мерка што се најавува е од областа на шумарството, а ќе се активира за една до две години.
Една од поважните новини за производителите, е авансното финансирање. Секој корисник, кој ќе аплицира ќе има можност да добие 30 до 50 отсто од вложените средства веднаш по потпишувањето на договорот.
Методија Трајков
