Стабилно ниво на финансиите
Финансиите се на стабилно ниво во насока на раст, даночната реформа ќе ги зголеми приходите, повеќе пари ќе се враќаат во стопанството...

Финансиите се на стабилно ниво во насока на раст, даночната реформа ќе ги зголеми приходите, повеќе пари ќе се враќаат во стопанството, чуварот на државната каса ги уверува инвеститорите дека власта води кредибилни политики. Предупреди, антикризните мерки скастрија дел од средствата, ако не се соберат од даноци државата ќе мора да се задолжи, а јавниот долг лани е веќе позициониран на 57, 1 насто, вели Бесими.
За унапредување на ефикасноста на јавните финансии, недостига институционалниот капацитет, постојниот систем е регресивен, потребно е да се направи преструктурирање на приходната страна од сите аспекти, за да се влезе во блага прогресија – сугерира академската јавност.
Координацијата меѓу монетарната и фискалната политика е клучна, предизвик е да продолжи со прудентни политики засновани на мерки насочени кон најмногу погодените сегменти и со забрзување на капиталните инвестиции – е ставот на Централната банка, којашто во услови на раст на инфлацијата и ограничен простор за реакции, го зачува стабилниот курс на денарот со стегање на основната каматна стапка.
Монетарната политика, ќе остане примарен инструмент за соборување и контрола на инфлацијата, преку повисоки каматни стапки и успорување на растот на кредитите-порачаа економистите и банкарите на панелот за фискалната и монетарната политика во време на кризи дел од владината конференција.
Сузана Фиданска Стоевска
