Недвижности

Намалување на цената на становите за 10%, најавуваат градежниците

02.02.2023 12:17

Намалување на цената на становите за 10% годинава најавуваат од Здружението за градежништво и некои од агенциите за недвижности. Сè уште има голема побарувачка, но малку станови на продажба. Од оние што се празни, 30% се продадени, само 10% продажба. Големата побарувачка во време на инфлација била главната причина за екстремното поскапување…

По стабилизацијата на цените на недвижнините, годинава следува и нивно намалување, вели претседателот на Здружението на градежништво при Сојузот на стопанските комори, Андреја Серафимовски. Објаснува дека големата побарувачка, а малата понуда на станови, како и високата цена на градежните материјали, придонеле за екстремно зголемената цена на становите претходната година.

„Доколку минатата година НБРМ последниот квартал ни даде дека покачувањето на недвижнини би било 20,6%, сметаме дека половина од тоа, ќе има пад од 10% официјален. Но, зависи од тоа во кој период ќе дојде до стабилизација“, вели Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото при ССК.

Од агенциите за недвижности велат дека граѓаните во време на економска нестабилност и криза вложувале во недвижнини, поради што има 30% празни станови кои сепак се продадени. За продажба, објаснуваат има околу 10% од празните станови во градот и сè уште побарувачката е поголема од понудата.

„Сè уште немаме добра понуда, сè уште немаме слободни ДУП-ови, има малку нови згради и понудата е премногу мала може да се очекува некој пад на цените, но нема да биде поголем од 10-15%“, изјави Дејан Христов, сопственик на Агенција за недвижности.

Во Скопје интересот е најголем за станови во Центар, Карпош и Аеродром. Најскапи се новите станови во Дебар Маало (Центар) од 2.000 до 2.400 евра за м2. Во Капиштец се поевтини, чинат околу 1.700, 1.750 евра по м2, а старите станови од 1.500 евра по м2 до 1.600. Аеродром ја достигна цената на становите во Капиштец од 1.400, 1.500 па нагоре за станови во градба, а готови достигнуваат до 1.600, 1.700 евра по м2, поради големата побарувачка. Во Карпош со оглед на тоа дека нема многу нови згради, 1.300 евра по м2 е цената за становите во т.н стари руски згради, а во новите до пет години стари, цената е од 1.500-1.700 евра. Во Чаир се доста поевтини и чинат од 800 до 1.000 евра, во зависност дали е стара или нова зграда-објаснува Христов.

Александра Велинова